Виктор Орбан му се пожали на американскиот актер Чак Норис дека либералите го мразат и оти 90 отсто од коментарите за него се негативни, при нивната завчерашна средба, но унгарскиот премиер може да биде сигурен во безмалку потполната поддршка на медиумите во државата, врз кои го засили стисокот. Тоа се должи на невообичаената ситуација при која стотици приватни медиуми беа подарени од нивните сопственици на централна компанија управувана од луѓе блиски на Орбан, пренесува „Њујорк тајмс“. Ставањето на медиумите под контрола на власта веројатно ќе значи дека во Унгарија нема да останат новинари што ќе изразат спротиставени мислења за политиката на Орбан, односно дека нема да има кој да го критикува неговиот начин на управување со државата.

Доколку преземањето биде одобрено од регулаторното тело кое го предводи официјално лице предводено од Орбан, тоа ќе ги стави водечките приватни медиуми под контрола на државата, што претставува преседан за земја-членка на Европската унија, според организацијата „Глобал рајтс воч“ која ја анализира слободата на медиумите.

Во координирани соопштенија, повеќемина сопственици го објавија префрлањето, или намерата за префрлање на контролата врз над 400 интернет-портали, весници и телевизиски канали и радио-станици на групација основана во август, која претходно имаше незначителна улога во унгарскиот медиумски простор.

– Зделката е симболична бидејќи трансферираните медиуми во голема мера го поддржуваат Орбан. Неговата влада систематски ги ускратуваше приходите од државниот маркетинг на независните медиуми, истиснувајќи ги сопствениците од бизнисот, што поттикна поголем дел од приватните медиуми да го цензурираат известувањето или да бидат продадени на сојузниците на Орбан – се наведува во написот на американскиот весник.

Ова се смета за уште еден чекор на Орбан против плурализмот во Унгарија, по неговото доаѓање на власт во 2010 година. Се проценува оти повеќе од 500 медиуми во Унгарија заземаат провладин став, во однос на 31 медиум што ја поддржувал власта во 2015 година, според податоците на независниот интернет-портал „Атлатзо“. 

– Овој потег покажува дека Орбан загуби дел од неговиот прагматизам. Со овој потег, со азилот за Груевски и со преселбата на универзитетот, се чини дека тој се повеќе има верба во сопствените инстинкти, односно е сигурен дека нема да наиде на притисоци од ЕУ – вели Зелке Цаки од „Фридом хаус“.

Унгарската влада го привлече вниманието на медиумите по доделениот азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски и поради притисокот врз Централниот европски универзитет за преселба на просториите во Виена.