Премиерот на африканското кралство Лесото, Томас Табане, не се појави на судењето за убиството на неговата поранешна сопруга Липолело Табане под изговор дека треба да направи лекарски преглед во Јужна Африка, пренесува Си-ен-ен. 

Од неговата канцеларија соопштуваат дека станувало збор за итен медицински случај, а тој ќе се појави на суд кога неговиот третман ќе биде завршен.

– Причината зошто ја даваме оваа изјава е со цел да ги побиеме гласините дека премиерот не сака да се појави на суд – соопштуваат од неговата канцеларија.

Томас Табане требаше да се појави на суд во петокот. Полицијата го обвинува за убиство на неговата поранешна сопруга, како и за обид за убиство на нејзина блиска пријателка.

Ваквото ненадејно заминување од Лесото ги изненадило сите, од обвинителите до неговите адвокати во случајот, а според изјави на блиски соработници на Табане, тој е здрав и подготвен да се појави на суд. 

– Неговото ненадејно заминување во Јужна Африка ги изненади дури и неговите адвокати. Тој би требало да е чувар на законот, тој мора да се појави на суд. Во Лесото постои борба на моќ која се одвива на највисоко ниво на власта и државната служба – изјави негов соработник за Си-ен-ен.

Првата дама на Лесото, Месаје Табане, исто така  беше обвинета за убиството на Липолело, а по неколку недели поминати во бегство таа се предаде на полицијата. Месаје допрва треба да се изјасни за обвиненијата против неа. Полицијата информира дека други осум лица се осомничени за поврзаност со случајот, а нивните имиња допрва треба да бидат објавени за јавноста. 

Липолело Табане беше убиена во 2017 година, само два дена пред инаугурацијата на Табане за неговиот втор мандат. Поради убиството премиерот ја најави неговата оставка, а скандалот ги предизвика отворањето на истрага за мрачните политики кои долго време владеат во ова јужноафриканско кралство. 

Доколку дојде до судење на премиерот и неговата сопруга, овој судски случај ќе биде тежок тест за судството во Лесото.