Епидемијата на мали сипаници која избувна годинава во САД е најголема од 1990 година, пренесува американското радио „Ен-пи-ар“. Центрите за контрола на болести и превенција синоќа објавија дека се забележани 75 нови случаи на мали сипаници во 23 сојузни држави изминатата недела, односно вкупно 839 случаи на територијата на САД годинава.

Епидемијата од 1989 до 1991 година била многу поголема од денешната, со повеќе од 27.000 случаи само во 1990 година. Но, условите кои довеле до епидемија и причините за нејзиното стивнување се потполно различни од оние кои се забележани во САД денес.

Најголемиот дел од случаите денес се концентрирани во Њујорк. Вчера, во Њујорк биле пријавени 498 случаи, од кои 34 луѓе биле хоспитализирани, откако започна епидемијата минатиот септември. Епидемија во Њујорк избила во пролетта во 1990 година.

– Умираа деца. Сите вработени бевме на должност. Градот, непрофитните организации, родителите и многу други беа посветени на иста мисија – изјавил доктор Ирвин Редленер, кој ја основал Фондацијата за детско здравје, со цел да овозможи здравствена грижа во најсиромашните делови на Њујорк.

Епидемијата продолжила есента во 1990 година и траела до летото во 1991 година, кога имало повеќе од 5.000 случаи на мали сипаници во градот и најмалку 21 смртен случај. Но ова не се случувало само во Њујорк. Почнувајќи од 1989 година, Чикаго, Лос Анџелес, Хјустон и Филаделфија исто така биле зафатени од страшна епидемија. Од 1989 година па се до 1991, повеже од 55.000 луца биле заболени и повеќе од 100 луѓе починале на територијата на САД, што претставувало највисока бројка од раните 1970 години.

Историчарите на јавното здравје делумно ја припишуваат одговорноста на намалувањата на буџетот за време на администрацијата на претседателот Роналд Реган, кои влијаеле директно на федералните фондови насочени кон имунизација и иницијативите за јавно здравје.

– Од Белата куќа не наидовме на голема поддршка за имунизација на децата – вели Елена Конис, професорка на универзитетот „Беркли“.

Денешната епидемија на мали сипаници во Њујорк е значително помала од онаа во 1990 година и причините за неа се многу различни.

– Тогаш луѓето немаа пристап до здравствена грижа, а денес причина за епидемијата се ставовите на луѓето кои одбиваат да се имунизираат и да ги имунизираат своите деца – вели Редленер.