Кинеските власти објавија дека отвориле истрага за тврдењата според кои преку 100 деца примиле полио-вакцина со поминат рок, во последниот скандал за неисправни лекарства во здравството во најмногубројната светска држава, пренесува магазинот „Тајм“.

Се проценува оти барем 145 деца ја примиле спорната вакцина во кинеската провинција Џијангсу, на 7 јануари, и покрај тоа што рокот за вакцините истекол на 11 декември, минатата година, според кинеските медиуми. Децата кои ги примиле вакцините биле на возраст помеѓу шест месеци и четири години. 

Гневните родители протестирале пред владините канцеларии во Џијангсу минатата недела, блокирајќи го сообраќајот и владините установи, при што три лица биле уапсени. Родителите тврдат дека имунизацијата со вакцини со поминат рок е долгорочен проблем во Кина, кој повторно излегол на виделина. 

Локалната власт преку соопштение објавила оти проблемот со вакцините со поминат рок бил резултат на „неорганизиран менаџмент и на лошо раководење“, ветувајќи дека ќе покрене засебна истрага. Се наведува дека 17 луѓе се соочуваат со санкции поради инцидентот.

– Вакцините се прашање на живот и на смрт. Тука не смее да има грешки – напиша кинескиот весник „Пиплс дејли“.

Ова не е прв скандал во кинеската фармацевстска индустрија. Кинески произведувач на вакцини беше канзнет со 1,3 милијарди долари и ја загуби лиценцата за производство, откако истрагата покажа дека ги фалсификувале извештаите за инспекцијата и за производството за околу 113 илјади вакцини против беснило. Друг регуларот откри оти истата компанија дистрибуирала 500 илјади ДТП-вакцини што не ги исполнуваат потребните стандарди.