Новата седма рунда преговори за Договорот за иранската нуклеарна програма во Виена заврши без приближување на ставовитге, но со договор да продолжи кон средината на следната недела.

„Ни претстојат уште многу предизвици“, нагласи преговарачот од ЕУ, Енрике Мора.

Тој во изјава за новинарите додаде дека не останува уште многу време, а има многу работа, предупредувајќи дека времето за преговори не е неограничено.

Дипломатите од Франција, Германија и Британија изразија разочарување и загриженост, бидејќи Иран предложи промена на текстот од претходните шест рунди разговори.

Пред пет месеци Иран ги прекина преговорите и оттогаш продолжи да ја развива својата нуклеарна програма, се жалат западните дипломати.

Кинескиот амбасадор при ОН во Виена, Ванг Џун, за новинарите изјави дека преговарачите ќе ја продолжат својата работа во Виена кон средината на следната недела, а според него, разговорите би можеле да продолжат во вторник или среда.

Тој додаде дека делегациите сега мора да се вратат во нивните престолнини и да одржат политички разговори.

Кинескиот амбасадор разговорите во Виена ги оцени како умерено продуктивни.

Иран на разговорите во Виена, први по претседателските избори во земјата, дојде со целосно нов преговарачки тим, кој се сретна со речиси сите преговарачки делегации.

Сепак, немаше директни разговори со САД.