Според истражувачите, оваа комбинација на молекуларна биологија и вештачка интелигенција би можела да се користи во низа задачи во телото и околината. Тие може да вклучуваат собирање микропластика во океаните и регенеративна медицина

Американските научници кои ги создале првите живи роботи откриваат дека животните форми познати како ксеноботи сега можат и да се размножуваат, на начин кој досега е непознат кај растенијата и животните, пишува Си-ен-ен.

Формирани од матичните клетки на африканската канџаста жаба (Xenopus laevis) по која го добиле името, ксеноботите се помали од еден милиметар. Овие зрнца првпат биле претставени во 2020 година, откако експериментите покажале дека можат да се движат, да работат заедно во групи и да се лекуваат.
Како што пишува Си-ен-ен, сега научниците од Универзитетот во Вермонт, Универзитетот Тафтс и Институтот за биолошки инспирирано инженерство на Универзитетот Харвард објавиле дека откриле сосема нова форма на биолошко размножување, различно од кое било животно или растение познато на науката.
Мајкл Левин, професор по биологија и директор на Центарот при Универзитетот Тафтс, кој го предводел новото истражување вели жабите имаат свој начин на репродукција.
– Кога ќе ги одвоите клетките од остатокот од ембрионот и ќе им дадете шанса да разберат како да преживеат во нова средина, тие не само што ќе најдат нов начин да се движат, туку ќе најдат и нов начин за репродукција-истакнал професорот.

Како се создадени ксеноботите?

За да направат ксеноботи, истражувачите ги стругале живите матични клетки од ембрионите на жабата и ги оставиле да се инкубираат.
Немало манипулација со гени.
Џош Бонгард, професор по компјутерски науки и роботика на Универзитетот во Вермонт и главен автор на студијата посочил дека поголемиот дел од луѓето сметаат дека роботите се направени од метал и керамика.
– Но, не е толку важно од што е направен роботот, туку што прави, или дали работи во корист на луѓето. Во таа смисла, тоа е робот, но очигледно организмот е создаден генетски, од немодифицирани жабји клетки-закличил тој.
Според него, ксеноботите, кои првично биле во сферична форма и направени од околу 3.000 клетки, може да се реплицираат.
– Тоа се случувало ретко и само под одредени околности. Ксеноботите користеле „кинетичка репликација“, процес за кој се знае дека се случува на молекуларно ниво, но никогаш претходно не бил забележан на ниво на цели клетки или организми.

Форма на Пекмен

Со помош на вештачка интелигенција, истражувачите потоа тестирале милијарди форми на тела за да ги направат ксеноботите поефикасни во овој тип на репликација.
Суперкомпјутерот смислил Ц-облик кој наликува на Пекмен, видео игра од 80-тите. Откриле дека е способен да пронајде ситни матични клетки во петриевата чинија, а неколку дена подоцна клеточниот сет станал нов ксенобот.
Ксеноботите се многу рана технологија, нешто како првите компјутери од 1940-тите, и сè уште немаат практична примена.
Според истражувачите, оваа комбинација на молекуларна биологија и вештачка интелигенција би можела да се користи во низа задачи во телото и околината. Тие може да вклучуваат собирање микропластика во океаните и регенеративна медицина.
И покрај тоа што можноста за самореплицирање на биотехнологијата може да биде загрижувачка, истражувачите посочуваат и дека живите машини се целосно ограничени на лабораторијата и лесно се исклучуваат, бидејќи се биоразградливи и регулирани од експерти за етика
Истражувањето било делумно финансирано од Агенцијата за напредни истражувачки проекти за одбрана, агенција на САД која го надгледува развојот на технологијата за воена употреба.
Студијата била објавена во рецензирано научно списание.