Првиот физички самит на земјите членки на ЕУ од избувнувањето на пандемијата ќе се одржи во Брисел на 17 и 18 јули, на кој лидерите ќе се обидат да се договорат за план за закрепнување од кризата со корона и за повеќегодишната финансиска рамка.

– Претседателот на Европскиот совет ќе свика вонреден самит за Планот за обнова на 17 и 18 јули“, рече Баренд Лејтс – портпарол на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, на Твитер.

Тоа ќе биде прва средба по повеќе од четири месеци. Последниот самит се одржа на 20 и 21 февруари, а последната физичка средба на министерско ниво беше средбата на министрите за внатрешни работи на 13 март. Советот на ЕУ и Европскиот совет во меѓувреме имаа само видео конференции. Последниот видео самит се одржа минатиот петок на 19 јуни.

На последниот видео самит, беше утврдено дека постои согласност за потребата од план за закрепнување, бидејќи станува збор за вонредни околности за кои се потребни вонредни мерки. Исто така, постои договор за предлогот Комисијата да се задолжува на финансиските пазари и да ги дистрибуира тие пари на земјите-членки за да ја стимулира економијата.

Сепак, сè уште има големи разлики во однос на износот на средствата, дали средствата ќе им бидат дадени на земјите-членки како грантови или како заем, потоа во врска со критериумите и условите за распределување на средства. Исто така, не постои договор за критериумите за распределување на средства и под кои услови.

На 27 мај, Европската комисија (ЕК) предложи план за закрепнување на економијата од 750 милијарди евра за економијата и 1.100 милијарди евра повеќегодишна финансиска рамка.