Претседателите на САД и Кина, Џозеф Бајден и Си Џинпинг во понеделник ќе го одржат долгоочекуваниот онлајн самит, потврди Белата куќа, пренесуваат тамошните медиуми.

Средбата која е најавена за понеделник навечер, ќе се одржи во време кога двете страни се обидуваат да ги намалат тензиите, бидејќи односите беа напнати во првите десет месеци од мандатот на Бајден.

Белата куќа нема големи очекувања од видео-самитот меѓу двајцата претседатели.

Бајден сака да нагласи дека двете велесили треба да го спречат продлабочувањето на јазот во се покомплицираните меѓусебни односи.

Претставници на Белата куќа велат дека не треба да се очекуваат поголеми промени од состанокот.

„Двајцата лидери ќе разговараат за начините за одговорно управување меѓу американската и кинеската страна и начините за соработка во областите каде што нашите интереси се усогласени. Претседателот Бајден јасно ќе ги каже намерите и приоритетите на САД и ќе биде јасен и искрен во однос на нашите грижи“, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин, изјави дека Пекинг се надева оти САД ќе работат со Кина на заеднички напори самитот да биде успешен и дека односите меѓу двете земји ќе бидат вратени на вистинскиот пат на здрав и стабилен развој.

Во последните месеци имаше многу тензии во односите меѓу САД и Кина, бидејќи Бајден јасно стави до знаење дека ги смета постапките на Пекинг за загрижувачки на повеќе фронтови.

Бајден ја критикуваше Кина за кршење на човековите права врз етничките малцинства, задушување на продемократското движење во Хонг Конг и отпор на глобалниот притисок за целосна соработка во истрагите за потеклото на пандемијата на коронавирус.

Тензиите неодамна дополнително се интензивираа со десетици летови на кинески борбени авиони во близина на островот Тајван, кој Пекинг го смета за дел од својата територија.