Францускиот премиер ќе воведе меморандум на одлуката за зголемување на даноците за горивата, која предизвикаа масовни протести низ целата земја

Францускиот премиер Едуар Филип ќе воведе меморандум на одлуката за зголемување на даноците за горивата, која предизвикаа масовни протести низ Франција, соопштија извори од Владата во Париз. Ова е прва отстапка на францускиот претседател Емануел Макрон, кој се соочува со зголемен притисок за наоѓање излез од најдлабоката внатрешна криза откако ја презеде претседателската функција во мај минатата година – протестите поради високите такси за горивата, кои резултираа со најголемите улични насилства во Париз во последниве децении.

Француските медиуми во оцените на одлуката на Филип го поставуваат прашањето дали првата отстапка на Владата ќе биде доволна да се запре незадоволството на жолтите елеци, кои сега, покрај замрзнување на таксите за горивата, бараат и зголемување на минималните пензии и плати, како и враќање и зајакнување на јавниот сервис. Филип завчера се сретна со некои од министрите во својата влада и со шефовите на главните опозициски партии, за да се најдат начини за надминување на кризата.

За вчера беше закажан состанок на Филип со претставници на протестното движење „Жолти елеци“, кои веќе трета недела демонстрираат низ Франција, но радиото Франс Интер објави дека средбата е откажана откако некои од водачите на протестите добиле закани по животот. Лидерите на жолтите елеци, Жаклин Муро и Бенжамен Коши изјавија дека добиле закани од „тврдокорните демонстранти“, кои ги предупредиле да не преговараат со Владата.

Француските медиуми оценуваат дека всушност главниот проблем на движењето „Жолти елеци“ е што нема официјални претставници и структура, туку настана како израз на граѓанското незадоволство.