Светот го знае кралот на Тајланд Маха Ваџиралонгкорн како богат ексцентричен плејбој, но за Тајланѓаните неговото четиригодишно владеење станува злокобно, пишува „Економист“. Кралот ги тера советниците да ползат пред него, наредува бричење на главите на дворјаните кои ќе го налутат и јавно се откажа од неколку од неговите деца. Згора, тој постепено ја приграбува моќта, преземајќи контрола врз вредниот „кралски имот“ и врз командата на војската, а наредува и измени на уставот. Не е тајна неговата амбиција за апсолутна мохархија, но Тајланѓаните почнаа да протестираат во јули, па се поставува прашањето дали можат да го спречат остварувањето на целите на кралот.

Илјадници демонстранти вчера излегоа на протест пред владината зграда во Бангкок. А поддржувачите на монархијата се собраа за да изразат поддршка за кралот. Владата набргу прогласи вонредна состојба и ги забрани масовните собири. Неколку лидери на протестот подоцна беа уапсени.

Кралот Ваџиралонгкорн владее како уставен монарх, но во општеството зазема речиси улога на полубог, што предизвикува поделби меѓу народот. Ваквиот конфликт објаснува зошто Тајланд претрпе 12 државни удари и имаше 20 различни устави од 1932 година.

На Ваџиралонгкорн му се замерува и што не живее на Тајланд. Тој владее со државата со население од 70 милиони од Германија, чија влада го смета неговото присуство за невообичаено, како што неодамна истакна германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Монархот привлекува негативно внимание и со неговиот приватен живот. Тој стапи во брак со заменик-шефот на неговото лично обезбедување Сутида на која ѝ ја додели титулата кралица, на само неколку дена пред неговото официјално крунисување минатата година. Тоа е четврти брак на владетелот на азиската држава.

Значително прашање за Тајланд се и финансиите откако кралот стекна контрола врз Бирото за кралска сопственост кое раководи со кралските инвестиции, чија вредност се проценува на 40 милијарди долари. Во 2018 година Бирото објави дека неговиот капитал се смета за лична сопственост на кралот, што му овозможи на Ваџиралонгкорн да биде акционер во големи корпорации на Тајланд. А членовите на кралското семејство исто така имаат пристап до државните пари. Буџетот на владините агенции за 2021 година предвидува 1,1 милијарди долари за монархијата.

Мешањето на кралот во политичките прашања, како што се уставните измени, исто така ја покажува неговата моќ, а тоа е овозможено и со лојалноста на војската, како и неможноста на премиерот да се спротивстави на ваквата практика.

Засега малкумина опозиционери се спротивставија на стекнувањето моќ на Ваџиралонгкорн. Но јавното незадоволство се пресели на улиците. Демонстрантите сe собираат од јули, повикувајќи распуштање на владата и реформирање на уставот, како и на прекин на лошото постапување со опозициските активисти, а најжестоките повикаа и на реформирање на мохархијата. Постои стравување дека може да дојде до насилство како при студентските протести во 70-те години на минатиот век, кога полицијата и војската ги нападнаа студентите на универзитет во Бангкок. Неколку опозициски лидери сега се уапсени, а владата тврди дека сака да ги сослуша барањата на демонстрантите.