Тесната трка за претседателското место во САД продолжи. На Џозеф Бајден му недостигаат само шест електорски гласа за Белата куќа, додека Трамп најави правна разврска за изборите додека сѐ уште се бројат стотици илјади гласа во клучните американски сојузни држави

Резултатите од претседателските избори во САД сѐ уште неизвесни

Очите на светската јавност се вперени во изборите во САД, а таму продолжуваат пребројувањата на гласачките ливчиња во неколку клучни држави, оставајќи го резултатот непознат повеќе од 48 часа по затворањето на избирачките места. Двајцата претседателски кандидати, Доналд Трамп и Џо Бајден, најавија дека борбата за Белата куќа ќе ја продолжат на суд. Иако засега е нејасно што точно пред американскиот Врховниот суд, надлежен за изборите во земјата, сакаат да изнесат двете страни, ваквиот чекор може да предизвика голем број судски и политички потреси во земјата што во исто време може да фрли дамка врз конечниот исходот од претседателските избори во најголемата демократија во светот, сметаат западните толкувачи на состојбите.

Адвокатите во погон

Од таборот на Трамп веќе поднесоа тужба во сојузната држава Мичиген со која се бара запирање на пребројувањето на гласови, тврдејќи дека набљудувачите од Републиканската партија немале доволна застапеност при броењето на гласовите. Штабот на актуелниот претседател Трамп истакна дека слични обвинувања за недостиг од пристап во процесот на броење гласови имало и при броењето во Невада. Оперативците на Трамп ја посочија и намерата за поднесување петиција за пребројување и во Висконсин, за што имаат законска можност доколку разликата во гласови е помала од еден отсто. Исто така преставниците на Републиканската партија во Пенсилванија најавија дека ќе поднесат иста таква петиција до Врховниот суд, со што би можело да ги прогласи за невалидни гласовите по пошта преброени по изборниот ден во таа сојузна држава и да ги урне надежите на Џо Бајден за победа во Пенсилванија. Од друга страна, штабот на Бајден, пак, соопшти дека има правници подготвени да му се спротивстават на претседателот, нарекувајќи ги неговите коментари „безобразни, невидени и неточни“.
– Срамота е, бидејќи станува збор за гол обид да им се одземат демократските права на американските граѓани – се вели во соопштението. Изборните службеници се обидуваа да ги обработат гласачките ливчиња од рекордниот одзив од предвременото гласање и по пошта, поради пандемијата на коронавирусот. Во меѓувреме многу држави, вклучувајќи ги Пенсилванија и Мичиген, според државниот закон, не започнаа со обработка на предвремените гласачки ливчиња до денот на изборите, што доведува до одложување на изборните резултати, наведува РСЕ.

Врховниот суд не е вистинската адреса

Брус Акерман, експерт по уставно право и професор на Правниот факултет на „Јејл“, не верува дека Врховниот суд ќе одлучува за изборниот исход на ист начин како на претседателските избори во 2000-та. Пред изборите, тој за „Дојче веле“ изјави дека ќе има тесна битка не само во една сојузна држава, туку најмалку во шест до осум. Што, според него, речиси е невозможно Врховниот суд да интервенира во шест до осум држави.
– Нашата проверка на фактите меѓу другото покажа дека Трамп невнимателно избрза со изјавата дека ќе оди до Врховниот суд. Тој дури не може директно да му се обрати на Врховниот суд. Сите правни прашања мора прво да поминат низ судовите на сојузните држави – објаснува Акерман.

Бајден сепак води…

Во меѓувреме демократот Џо Бајден води пред претседателот Доналд Трамп откако доби големо засилување со клучните победи во Мичиген и во Висконсин. Со пребројувањето на гласовите во четири клучни сојузни држави, Аризона, Џорџија, Пенсилванија и Невада, што траеше во текот на ноќта во вторникот, предноста на Бајден е 253 изборни гласови наспроти 214 за претседателот Доналд Трамп. Паралелно на ова стотици приврзаници на актуелниот претседател Трамп се собраа завчера во центрите за броење во Детроит и во Феникс, додека илјадници негови противници протестираат низ САД, барајќи пребројување на гласачките ливчиња докрај во сојузните држави каде што не се знае кој е победникот.
Поддржувачите на Трамп дојдоа во центрите во Мичиген и во Аризона, клучните сојузни држави за исходот на претседателските избори во САД, откако беше објавено дека американскиот претседател изгубил во тие две држави. „Асошиејтед прес“ наведува дека лутите демонстранти извикувале „Престани да броиш“ во Детроит и „Престани да крадеш“ во Феникс. Инаку протестите се случиле откако Трамп без да наведе докази изјавил дека има големи проблеми со гласањето и броењето, особено кога станува збор за гласовите испратени по пошта.