Писмата помеѓу Доналд Трамп и Ким Јонг-ун го прикажуваат нивното пријателство

Новата книга „Бес“ на Боб Вудвард дава фасцинантен приказ кон еден од најчудните дипломатски односи на 21-от век, пријателството помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот диктатор Ким Јонг-ун. Вудвард доби пристап до 25 досега необјавени писма што Трамп ги разменил со Ким, а Си-Ен-Ен доби транскрипти на две од писмата.

Нарекувани „љубовни писма“ од страна на Трамп, Вудвард пишува дека писмата покажуваат „дипломатско додворување“, што го стави Трамп на пат кој започна со исмевањето на Ким, кого го нарекуваше „мал ракетен човек“ кој се заканува со „оган и со бес“, па сѐ до тоа да стане првиот претседател на САД кој ќе седне на дипломатската маса со лидер на Северна Кореја. 

Вудвард пишува дека необичните писма се исполнети со „декларации за лична слава налик на оние кои ги изговорат витезите на тркалезната маса на кралот Артур или можеби на зборовите на вљубените додворувачи“. Во писмата, исто така, Ким му се обраќа на Трамп со „Ваша екселенцијо“, додека на поетичен начин ги опишува нивните мигови поминати заедно. Одговорите на Трамп се поедноставни, но сепак исполнети со ласкање.

Oдлуката на Трамп да се сретне со Ким трипати – во Сингапур, Виетнам и во демилитаризираната зона меѓу Северна и Јужна Кореја сигурно ќе биде меѓу најзначајните надворешно-политички наследства на неговиот претседателски мандат. 

Ким во јуни 2019 година напиша „секоја минута што ја споделивме во Ханој беше исто така момент на слава што останува скапоцен спомен. Верувам дека длабокото и посебно пријателство меѓу нас ќе работи како магична сила“. На ова Трамп одговори дека тие имаат еден вид посебно пријателство. 

– Само јас и ти, соработувајќи, можеме да ги решиме прашањата меѓу нашите земји и да ставиме крај на речиси 70-годишното непријателство, носејќи ера на просперитет на Корејскиот Полуостров што ќе ги надмине сите наши најголеми очекувања, а вие ќе бидете тој што ќе води – напиша Трамп. 

Трамп и Ким се допишуваа, а потоа и се сретнаа, по тензичниот период во 2017 година, откако ситуацијата го вознемири тимот за национална безбедност на Трамп, кој стравуваше дека САД можат да бидат близу до нуклеарна војна со Северна Кореја. Трамп во интервју со Вудвард изјави дека Ким бил подготвен за таа војна, а доколку не се сретнале, ситуацијата ќе ескалирала. Иако планот за денуклеаризација не бил во потполност јасен, Трамп се решил на друг пристап.

– Правиш ли нешто друго освен што лансираш ракети? Ајде да појдеме на кино некогаш, да одиграме една партија голф – му предложил Трамп на Ким. 

Откако Вудвард ги добил писмата на Ким, Трамп го предупредил преку телефонски повик во јануари годинава дека не смее да му се потсмева на Ким по никоја цена, со цел да не дојде до несакани последици поради таквото исмејување. 

Иако ЦИА никогаш не откри кој ги состави писмата испратени од Ким, Вудвард пишува дека агенцијата ги смета писмата за ремек-дела. 

– Аналитичарите се восхитуваа на вештината што некој успеал да ја пронајде точната мешавина на ласкање и умилкување, а истовремено и величање на чувството на грандиозност на Трамп – вели Вудвард.