За време на неговиот мандат во Советот за национална безбедност и како американски амбасадор во Русија во времето на администрацијата на претседателот Барак Обама, Мајкл Мекфаул остварувал средби со руските претседатели Димитриј Медведев и потоа со Владимир Путин.

За кратко време ширум светот се рашири веста дека ќерката на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, Иванка Трамп, викендов, несмасно се вклучи во разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон и британската премиерка во заминување Тереза Меј, на самитот Г20 во Осака, Јапонија и заедно со нејзиниот татко присуствуваше на неговата средба со лидерот на Северна Кореја Ким Јонг-ун, пренесува „Слејт“.

– Се надевам дека Америка нема да заборави колку е бизарно ќерката на претседателот да работи во Белата куќа, присуствува на самитите на Г20 и билатералните средби со светските лидери – напиша поранешниот дипломат на својот профил на Твитер.

Мекфаул смета дека е несоодветно ќерката на претседателот, која нема искуство во работата на надворешната политика и не е член на Советот за национална безбедност да присуствува на дипломатските средби и да работи во Белата куќа.

– Во нашата администрација одредувавме кој ќе биде во просторијата, во зависност од нивната вклученост во политиките за кои се разговара. Очигледно, тоа не е случај со ќерката на претседателот. Извесно време сум надвор од овие случувања, но исправете ме ако грешам, мислам дека таа не е вклучена во работата на прашањата за надворешната политика – посочува Мекфаул за случајот во Осака.

Како претседател на САД, Доналд Трамп може да одлучи кој ќе присуствува на средбите, но тоа испраќа силна порака за тоа кого тој  го смета за вреден да присуствува на тие средби, а кого не. Тоа значи дека на сметка на тоа неговата ќерка да биде присутна на средбите, некој друг ќе биде исклучен од истите. Таа постапка испраќа несериозна порака до другите лица на билатералните средби. Таа е сведок на многу сериозни теми на разговор во врска со националната безбедност, констатира Мекфаул.