Европскиот суд на правдата пресуди дека концептот „сопружник“ во смисол на правото на ЕУ за слободен престој на Европејци и членови на нивните семејства, ги опфаќа и сопружниците од ист пол.

И покрај тоа што се слободни да дозволуваат или не дозволуваат истополови бракови, државите во ЕУ не можат да ја ограничуваат слободата на престој на европски граѓани, со тоа што ќе одбијат да му дадат право на престој на сопружник од ист пол кој е граѓанин на земја надвор од ЕУ, додава Судот.

Случајот е поднесен на барање на романскиот Врховен суд, откако истополова двојка од Романец и Американец пројави желба да живеат во земјата повеќе од три месеци. Романските власти тврдеа дека тоа е невозможно, бидејќи тие не признаваат истополови бракови. Романскиот Врховен суд го праша Европскиот суд како правилно да постапи.

Европскиот суд на правдата наведува дека земјите-членки на ЕУ се обврзани да ги признаат истополовите бракови за давање право на престој. Оваа обврска не значи дека државите се обврзани со закон да ги признаат истполовите бракови. Обврската за која станува збор не го нарушува националниот идентитет, ниту пак го загрозува јавниот ред во засегнатата земја, додава Судот.