Рускиот претседател Владимир Путин порача дека Русија ќе почне со производство на оружјето што беше забрането со договорот од 1987 година и оти повеќе нема да иницира никакви разговори со САД за прашања што се однесуваат на контролата на нуклеарното оружје, пренесува „Њујорк тајмс“

Рускиот претседател Владимир Путин соопшти дека Москва се повлекува од Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел. Најавата на Путин следува само еден ден откако САД и официјално наведоа дека се повлекуваат од договорот со кој Москва и Вашингтон се воздржуваа од производство и распоредување нуклеарни проектили со среден дострел. Рускиот претседател исто така порача дека Русија ќе почне со производство на оружјето што беше забрането со договорот и оти повеќе нема да иницира никакви разговори со САД за прашања што се однесуваат на контролата на нуклеарното оружје, пренесува „Њујорк тајмс“.

Администрацијата на Доналд Трамп се повлече од договорот, истакнувајќи дека Русија го прекршува повеќе години.

Одлуката на Вашингтон, според повеќето експерти, носи ризик од нова глобална трка во вооружувањето, и тоа не само со Русија туку и со Кина, која не е потписничка на клучниот договор од 1987 година. Пекинг ги предупреди американските власти дека пропаѓањето на договорот ќе ја поткопа глобалната безбедност.

– Сакам да ви посочам на фактот дека не смееме да дозволиме да бидеме вовлечени во нова скапа трка во вооружувањето.

Парите за производство на новите проектили ќе бидат обезбедени од постојниот буџет за одбраната – истакна Путин.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу порача дека Русија во наредните месеци ќе тестира нов копнен лансер на крстосувачките проектили „калибар“, кои претставуваат руски одговор на американските ракети со краток дострел „томахавк“.

Кинескиот арсенал на нуклеарно оружје, како што наведува „Њујорк тајмс“, е многу помал од американскиот и од рускиот, но Пекинг интензивно работи на модернизирање на постојните нуклеарни проектили.

Во октомври, претседателот Трамп порача дека потенцијалното зголемување на кинескиот арсенал е една од главните причини зошто САД треба да се повлечат од договорот од 1987 година.

– Ако Русија и Кина го прават тоа, а ние го почитуваме договорот, тогаш тоа е неприфатливо – истакна Трамп.


Помпео: Официјално немаме обврски кон ИНФ

Шефот на американската дипломатија Мајк Помпео порача дека САД го суспендирале исполнувањето на сите обврски од Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел (ИНФ). Помпео додаде дека САД испратиле до Русија нота во која најавуваат целосно повлекување од договорот во рок од шест месеци, што е во согласност со договорот, објави АП.
Според Помпео, САД направиле сѐ што е можно за да го зачуваат договорот, обвинувајќи ја Русија дека го прекршува договорот, но официјална Москва продолжува да негира дека го прекршува договорот за ракетен систем.