Шефот на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека Алијансата ќе одлучи за судбината на својата мисија за обука во Авганистан на следниот состанок на министрите за одбрана во февруари.
– Ќе се соочиме со тежок избор. Или ќе останеме и ќе ја платиме цената на континуираниот воен ангажман, или ќе заминеме ризикувајќи да ги изгубиме придобивките што ги остваривме со што може мировниот процес да попушти – рече Столтенберг.
Неговите забелешки дојдоа по најавата од минатата недела на администрацијата во заминување во Вашингтон дека Америка ќе го намали бројот на војската во Авганистан од сегашната бројка од 4.500 на околу 2.500.
– Мисијата на НАТО ќе остане – рече тогаш Столтенберг како одговор на намалувањето наложено од американскиот претседател Доналд Трамп, кој кога дојде на функција вети дека ќе ги извлече САД од „бесконечни војни“.
Инаку, Вашингтон ја предводеше меѓународната инвазија на Авганистан по терористичките напади на 11.9.2001 година против САД за да ги пронајде и казни Осама бин Ладен и неговата терористичка група Ал каеда, со седиште таму.