фото: Фејсбук

Франција ќе го врати својот амбасадор во Вашингтон следната недела, откако претседателите на Франција и на САД, Емануел Макрон и Џозеф Бајден, во телефонски разговор договорија средба за крајот на октомври, на која ќе разговараат за решавање на дипломатскиот спор околу подморниците.

Макрон и Бајден одлучија да започнат процес на темелни консултации со цел создавање услови за обезбедување доверба, се наведува во заедничката изјава на Елисејската палата и Белата куќа, а пренесува агенцијата АП.

Во атмосфера на смиреност, францускиот амбасадор во САД, Филип Етијен ќе се врати во Вашингтон следната недела, одлучил Емануел Макрон.

– Отворените консултации меѓу сојузниците за прашања од стратешки интерес за Франција и европските партнери ќе овозможат да се избегне оваа ситуација. Претседателот Бајден ја изрази својата посветеност кон ова прашање – се вели во соопштението.

Неодамнешниот договор меѓу САД, Велика Британија и Австралија за купување подморници имаше негативно влијание врз Франција, која затоа ги повлече своите амбасадори од САД и Австралија и го откажа состанокот на министрите за одбрана со Британија.