Украинската омбудсманка Људмила Денисова денеска изјави дека со Русија е постигнат договор за враќање на уапсените украински морнари по инцидентот во теснецот Керч, пренесува „Укринформ“.

– Договорот за враќање на морнарите веќе е постигнат. Има наредба од Меѓународниот суд за поморско право, а сега се подготвуваат последните документи. Мислам дека наскоро ќе ги пречекаме морнарите во татковината – изјави Денисова за време на трансферот на украинските затвореници од Луганск.

Се работи на потпишување на неопходните документи, по што морнарите ќе бидат ослободени.

Во исто време, адвокатот на морнарите Николај Полозов вели дека не знае за таков договор.

– Можам да кажам дека преговорите се во тек, но не можам да кажам во која фаза се тие и кога ќе се спроведат бидејќи не учествувам во нив. Ако се преземат какви било процедурални чекори, како составување на документи, ќе знаеме за тоа бидејќи нема да бидат потпишани во отсуство на бранителите на морнарите. Досега никој не не информирал за вакво нешто – вели адвокатот.