Владата на Јапонија дозволила да се симнат 23 патници од крузерот „Дајмонд Принцес“ без повторно тестирање на коронавирус по истекот на двонеделниот карантин.

Јапонскиот министер за здравство, Кацунобу Като се извини за пропустот.

– Длабоко жалам поради нашата грешка. Ќе направиме се да не ја повториме истата грешка – рекол министерот пред новинарите.
Истовремено било откриено дека една патничка-Јапонка, по напуштањето на бродот била позитивна на коронавирусот. Таа се симнала од бродот, кој е усидрен кај Јокохама по двонеделниот карантин, но на новиот тест во префектурата Точига било утврдено дека е позитивна на коронавирусот.

Министерството за здравство соопштило дека повторно ќе ги тестира 23 патници, кои се симнале од бродот во средата и четвртокот. Тие последен пат биле тестирани пред 5 февруари и јапонското министерство се обидува да стапи во контакт со нив за повторно да бидат тестирани.

Крузерот со 3700 патници и членови на екипаж беше во карантин од 3 февруари.