Апсењето на основачот на Викиликс ги разгоре шпекулациите за т.н. осигурување, односно големи енкриптирани фајлови, со илјадници тајни документи што би можеле да бидат објавени доколку Асанж биде приведен или убиен, или ако веб-сајтот биде исклучен

Апсењето на коосновачот на Викиликс, Џулијан Асанж, повторно ги разгоре шпекулациите за т.н. осигурување, односно големи енкриптирани фајлови што би можеле да бидат објавени доколку тој биде уапсен или убиен, или ако веб-сајтот биде исклучен. Седумгодишниот егзил на Асанж заврши во четвртокот, кога британската полиција го уапси, буквално извлекувајќи го од еквадорската амбасада во Лондон. И додека неговата судбина е неизвесна, уште поголема неизвесност постои околу овие осигурителни фајлови, кои многумина ги сметаат за последна опција на Викиликс, наведува РТ.

Сега откако Асанж е во притвор, сѐ повеќе се шират шпекулации дека клучот за криптираните тајни документи ќе биде објавен, иако ништо засега не се случи. Првиот фајл од таков вид се појави во јули 2010 година, на страницата на Викиликс за злосторствата во Авганистан, позната како Авганистански воен дневник.

– Ако нешто им се случи на Асанж или на веб-сајтот, ќе биде објавен клучот за отклучување на овие фајлови. Нема да има начин за запирање на информацијата да се прошири како шумски пожар, бидејќи веќе многу луѓе поседуваат копии – изјави во 2010 година новинарот на Си-би-ес Деклан Мекулах.

По 2010 година, Викиликс објави голем број слични „осигурителни фајлови“ и ниту еден од нив досега не е отворен. Појавата на такви фајлови се случува пред Викиликс да објави нови илјадници тајни документи, што значи дека тие можеби ги содржат сите информации од претстојното објавување, како заштита за секој случај, пренесува РТ.