Кинескиот магнат, инвеститор и филантроп, Џек Ма, основач и поранешен извршен директор на „Алибаба“, кој пред три месеци ненадејно исчезна од очите на јавноста поради несогласувања со кинеските власти и спроведената истрага за неговата бизнис империја, ненадејно се појави на објавена видеоснимка, пренесува „Блумберг“. 

На видео кое циркулира на Интернет, најпознатиот кинески претприемач го обиколува основното училиште во неговиот роден град Хангжу. Во видеото Ма им вели на наставниците дека во иднина ќе посвети повеќе време на филантропијата. Тој не ги спомна неговите несогласувања со Пекинг. 

По појавата на видеото, акциите на технолошкиот гигант, групацијата „Ант“, од кои Ма поседува околу една третина, скокнаа за 11 отсто на берзата во Хонгконг. 

Шпекулациите за локацијата на Ма и неговиот судир со владата на Си Џинпинг се засилија во изминатите неколку недели, откако регулаторите му наредија на „Ант“ да изврши ремонт на своите деловни активности и започна антимонополска истрага за „Алибаба“. Истрагата уследи откако Ма во октомври ги критикуваше кинеските лидери, регулатори и светската банкарска заедница.

Но, на објавеното видеото, Ма има многу поинаков тон, при што тој ги нагласуваше темите поддржани од владејачката Комунистичка партија на Кина. Тој зборуваше за важноста за заживување на селата и за поттикнување на враќање на младите во руралните области.

– Јас и моите колеги размислувавме и решивме за да се посветиме на филантропијата во образованието. Да се работи напорно за ревитализација на руралните средини и заеднички просперитет е должност на нашата генерација – рече Ма во видеото.

Појавата на видеото, Ма ги потсмири страшните гласини за неговата судбина во земјата каде што информациите и медиумите се строго регулирани од властите. 

– Неочекуваното појавување на Ма е исто толку ненадејно како и неговото исчезнување. Тоа веројатно е знак дека неговиот однос со регулаторните тела на Пекинг е стабилизиран. Но, се чини дека групацијата „Ант“ ќе се распадне и  регулаторните ограничувања скоро сигурно ќе откинат значителен залак од поранешната проценка на Ант“ – вели Брок Силверс, управен директор на „Каијуан капитал“ во Хонгконг.

Се претпоставува дека истрагите на империјата на Ма се дел од поширока кампања за зауздување на кинеските технолошки гиганти, за кои Пекинг смета дека имаат премногу контрола врз кинеската економија.

Ситуацијата меѓу властите и Ма останува нејасна. Дебатата за неговата моментна локација се појави по неговото исчезнување бидејќи Пекинг во минатото тивко приведуваше милијардери кои се спротивставуваа на законот, забележува „Блумберг“.