Поранешен севернокорејски дипломат јавно се извини откако кажа дека севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун веројатно е толку болен што не може да стои на нозе, неколку дена пред повторното појавување на Ким во севернокрејските медиуми, кои го прикажаа неговото присуство на јавен настан, пренесува „Ројтерс“.

Ким исчезна од државните медиуми со недели поттикнувајќи бројни шпекулации за неговото здравје, како и загриженост поради можната смена на власта во нуклеарно вооружената држава.

Но во саботата, севернокорејските медиуми објавија фотографии на кои се забележува Ким на церемонијата на свечено отворање на фабрика за ѓубриво.

Неговото повторно појавување претставува удар врз кредибилитетот на познатите пребегнати од Северна Кореја, кои шпекулираа дека Ким страда од тешка болест или е мртов.

Еден од пребегнатите, Тае Јонг-хо, беше заменик-амбасадор на Северна Кореја во Велика Британија, каде што ги менаџираше тајните фондови на Ким. Тае пребегна во Јужна Кореја во 2016 година и е еден од двајцата пребегнати кои беа избрани во јужнокорејскиот парламент минатиот месец.

– Свесен сум дека една од причините поради која многумина гласаа за мене, претставуваат очекувањата за прецизна анализа и проекции за севернокорејските прашања. Чувствувам вина и одговорност. Кои и да се причините, им се извинувам на сите – кажа Тае.

Другиот познат пребегнат кој беше избран во јужнокорејскиот парламент Ји Сеонг-хо, кажа во интервју оти е 99 отсто сигурен дека Ким починал по кардиоваскуларна операција, како и дека официјалната објава ќе стигне до сабота. Ји во петокот изјави за „Ројтерс“ дека добил информации за смртта на Ким од неименуван извор.