Судскиот процес против  поранешниот шеф на кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп – Пол Манафорт  почнува денеска, што е прв случај на специјалниот американски обвинител Робет Малер поврзан со истрагaта за вмешаност на Русија во претседателските избори.

Манафорт се товари за десетици милиони долари заработени во Украина кои ги скрил на офшор сметки и измамил банки кога подигал заеми.

Манафорт е првиот соработник на Трамп што ќе биде изведен пред суд поради банкарски и даночни малверзации, а врз основа на делови од обвинение произлезени од истрагата за вмешаност на Москва во изборите во 2016 година. Иако судењето е фокусирано на финансиски криминал, тоа може  да нанесе и политичка штета поради написите и прилозите во медиумите за чевекот кој три месеци ја водеше кампањата на Трамп. Тој во јуни 2016 година бил на состанок со Руси, кои понудиле инкриминирачки информации за Хилари Клинтон.

Судењето за даночна и банкарска измама во суд во Вирџинија ќе биде прв тест на способностите на Малер да избори пресуда за поранешниот соработник на Трамп. Трите останати соработници меѓу кои е Рик Гејтс, бизнис соработник на Манафорт признаа дека се виновни и соработуваат со истрагата на Малер.

Манафорт (68) се соочува со 18 точки од обвиненеието. Тој ги отфрла сите обвиненија и наведува дека не е виновен. Манафорт заработил повеќе од 60 милиони долари за лобирање за поранешната проруска влада во Украина и „најголем дел“ од тој износ не го пријавил.