Француската телекомуникациска компанија „Франс телеком“ беше приватизирана во 2004 година, потег што доведе до големи преструктуирање и загуби на работни места. Поранешниот извршен директор, Дидие Ломбард, како и неколку други извршни директори на компанијата, која се ребрендираше како „Оринџ“ во 2013 година, се обвинети за морално малтретирање, пренесува „Спутник“.

Ломбард, кој беше претседател и главен извршен директор од 2005 до 2010 година, излезе пред суд во понеделникот обвинет за создавање токсична култура на работа и разгорување на проблемите со серија сурови забелешки. По приватизацијата компанијата укина 22.000 работни места од 100.000 работници и испрати уште 10.000 вработени за преквалификација, често на другиот крај на земјата.

– Вака или онака, ќе ги натерам луѓето да си заминат или преку прозорец или низ врата – рекол Ломбард во 2006 година.

Помеѓу почетокот на 2008 и крајот на 2009 година вкупно 35 вработени во „Франс телеком“ извршија самоубиство. Помеѓу нив беше 51-годишен техничар од Марсеј, кој оставил белешка во која ги обвинува шефовите на „Франс телеком” за раководење со терор.

Во септември 2008 година, една 32-годишна жена скокна од прозорецот на својата канцеларија во Париз додека нејзините колеги беспомошно гледале. Ломбард, кој поднесе оставка во март 2010 година, подоцна призна дека било огромен гаф да ги нарече смртните случаи во „Франс телеком” како „самоубиствено лудило”.

Ломбард, неговиот поранешен подреден Луј-Пјер Вене и поранешниот шеф на човечки ресурси Оливие Барберо, се обвинети заедно со уште четворица други извршни директори, а на компанијата ѝ се суди за игнорирање институционално малтретирање во фирмата. Ако бидат осудени, тие би можеле да се соочат со 12 месеци затвор и парична казна од 15.000 евра.

Претседателот на судот, Сесил Луј-Лојант, рече дека судот сакал да разбере како функционирала компанијата.

– Судот сака да сфати зошто некои вработени се самоубиле – изјави Луј-Лојант.

Судницата за расправата во понеделникот била преполна со поранешни вработени и роднини на дел од луѓето кои извршија самоубиство, а пред судот демонстрираа синдикалците.

– Животот ми е уништен. Дојде моментот на вистината – изјави 56-годишната Беатрис Пание, која се вработила во компанијата во 1982 година и е на боледување откако се обидела да се самоубие во 2011 година.

Жан Перин, чиј брат извршил самоубиство, изјави дека сака менаџерите да им се извинат на семејствата.

– Сакаме тие да го признаат она што го направиле. Како може некој да изготви таква политика – побара Рафаел Лувраду, чиј татко се самозапали пред канцеларијата на фирмата во Бордо во 2011 година.