Амбасадорот на Пакистан во Кабул, Мансур Ахмед Кан, изјави денеска дека пакистанската национална авиокомпанија започнува да доставува медицински материјали од Светската здравствена организација (СЗО) до градот Мазар-е-Шариф, во северен Авганистан.

Амбасадорот Кан на Твитер објави дека државната компанија „Пакистан интернешнл ерлајнс“ (ПИА) ќе организира хуманитарен воздушен мост во соработка со меѓународните агенции, пренесува агенцијата „АП“.

Не беше јасно кога ќе започне транспортот на медицински материјали.

Најновиот развој на настаните доаѓа неколку дена откако СЗО побара помош од Пакистан за транспорт на медицински помагала во Авганистан по смртоносниот напад минатата недела на аеродромот во Кабул.

Главниот град на провинцијата Балк, Мазар-е-Шариф, беше заробен од талибанците на 14 август, ден пред да го заземат Кабул.