Италијанскиот претседател Серџо Матарела денеска официјално започна консултации околу можностите за формирање нова влада на Италија по парламентарните избори одржани на 4 март, на кои ниту една партија или коалиција не обезбеди мнозинство во Парламентот.

Дводневните консултации Матарела ги започна со средби со претседателите на двата дома на Парламентот – на Сенатот, Марија Елизабаета Алберти и на Домот на пратениците, Роберто Фико.  

За попладнево се предвидени средби на шефот на државата со лидерите на помалите политички партии, додека утре тој ќе се сретне со првите луѓе на партиите со поголем број пратеници во Парламентот.

На изборите најмногу гласови освои антиинституционалното популистичко Движење Пет Ѕвезди (М5С) и е најбројна политичка партија во Парламентот, но трите партии од коалицијата на десниот центар – деничарската антиимигарнтска Лигата, конзервативната Форца Италија (ФИ) и десничарската националистичка Браќа на Италија (ФДИ), заедно имаат најголем број пратенички места.  

Лидерот на М5С, Луиџи ди Мајо веќе предложи формирање влада на „голема коалиција“ по германски модел, која би ја сочинувале неговото движење и уште две други поголеми партии, посочувајќи ги при тоа Лигата и досега владејачката левоцентристичка Демократска партија (ПД), која на изборите го доживеа најтешкиот пораз во својата историја.

Мајо меѓутоа нагласи дека М5С не сака да коалицира со Форца Италија на поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони, поради пресудите против него за даночни измами. 

Лидерот на демократите и поранешен италијански премиер Матео Ренци ја отфрли можноста за коалицирање на неговата партија со М5С, а против идејата на Мајо се изјасни и првиот човек на Лигата, Матео Салвини, која нагласи дека нема да се согласи на поделба во десноцентристичкиот блок и влегување во влада без неговиот коалициски партнер Форца Италија.

Политичкиот аналитичар Софија Вентура смета дека нејјверојатно решение за формирање на идната влада е коалиција меѓу М5С и трите партии од коалицијата на десниот центар. Сепак за да се постигне тоа, според Вентура, Мајо треба да го промени својот став кон коалицирањето со Форца Италија, а Салвини и Берлускони ќе треба да се откажат од меѓусебниот ривалитет и да најдат компромисен кандидат за премиер.