Почина еден од двајцата полицајци повредени во нападот во близина на зградата на американскиот Конгрес во Вашингтон. Американските медиуми јавуваат дека во болница починал и напаѓачот.

– Ова е исклучително тешко време за полицијата во Капитол по настаните на 6 јануари- соопшти полицијата.

Почина и напаѓачот кој со неговиот автомобил влета во барикадата и беше застрелан од полицијата.

Претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, нареди знамињата да се спуштат на половина копје.

Зградата на Конгресот беше под опсада на 6 јануари, кога приврзаниците на поранешниот американски претседател Доналд Трамп предизвикаа немири во кои беа убиени пет лица.