Лизбет Палме, вдовица на шведскиот премиер Улоф Палме, кој беше убиен во 1986 година и која официјално го препозна атентаторот на нејзиниот сопруг, почина на 87 годишна возраст, соопшти денеска нејзиното семејство.

Харизматичниот лидер на шведските социјалдемократи, 59 годишниот Улоф Палме, беше убиен на улица во центарот на Стокхолм на 28 февруари 1986 година, додека со сопругата се враќал од кино без телохранители.

Убиецот успеал да побегне заедно со оружјето со кое го извршил злосторството и кое никогаш не било пронајдено.

Во јули 1989 година за виновник за злосторството беше прогласен еден алкохоличар и зависник од опијати, претходно осудуван за убиство, но беше ослободен од судот заради недостиг на докази.

Лизбет Палме го препозна Кристер Петерсон како убиец на својот сопруг, но нејзиното сведочење беше ослабено заради неправилности и околностите во кои бил даван исказот.

Откако го призна злосторството, тој човек се повлече и почина во 2004 година.

Убиството на Улоф Палме до денеска е нерасветлено, а истрагата продолжува. Илјадници луѓе се испрашани, а десетици други преземаа одговорност за убиството.

Улоф Палме стекна многу непријатели во странство, но и во земјата, бидејќи воените кругови го сметаа за пион на Советскиот сојуз.