Во морето недалеку од Бали во тек е очајна трка со времето. Бродови на индонезиската морнарица, како и од низа други земји, трагаат по подморница што исчезна пред два дена.

Во подморницата има 53 членови на екипажот кои под претпоставка дека сè уште се живи, имаат кислород за помалку од 24 часа, пренесува „Асошиејтед прес“.

Подморницата од типот „КРИ Нангала 402“ исчезна откако за време на воена вежба побарала дозвола да се нурне во подлабоки води. Спасувачките екипи стравуваат дека подморницата нурнала премногу длабоко за да може да ја достигнат односно спасат.

Од индонезиската морнарица соопштија дека очекуваат кислород во исчезната подморница да снема околу 3 часот наутро во сабота, по локално време.

– Од денеска до утре во 3 часот по полноќ ќе ги максимизираме нашите напори – изјави портпаролот на индонезиската армија, генерал-мајор Ахмад Ријад.

Подморницата ја бараат 24 бродови на индонезиската морнарица и патролен авион, фокусирајќи се на подрачјето каде е пронајдена нафтена дамка на површината, непосредно по исчезнувањето на пловилото.

Од морнарицата објавија дека веруваат оти подморницата потонала до длабочина од 600-700 метри, што е значително подлабоко од нивото на кое нејзиниот труп може да го издржи притисокот на водата (околу 200 метри). Тоа практично значи дека притисокот при таа длабочина едноставно го згмечил и скршил трупот на подморницата.

Причината за инцидентот сè уште не е позната. Морнарицата објави дека веројатно дефект предизвикал подморницата да не може да исплови на површината.