Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, викендов потпиша четири извршни уредби што им обезбедуваат економска помош на милиони Американци што ги загубија своите работни места по избувнувањето на пандемијата со ковид-19 во земјата. Како што пренесе Ројтерс, на прес-конференцијата во неговото одморалиште во Бедминстер, во Њу Џерси, Трамп објави дека, благодарение на уредбите, ќе продолжат исплатите на федерална помош за невработените.
– Државите ќе покриваат 25 проценти од трошоците, а федералната влада преостанатите 75 проценти – изјави Трамп.

Прописите исто така овозможуваат прекин на плаќањата за данок на доход за Американците што заработуваат помалку од 100.000 американски долари годишно. Исто така, продолжено е и одложување на наплатата на студентските кредити, како и на мораториумот за иселување на станарите што не можат да плаќаат кирија. Американскиот претседател во исто време ги обвини демократите во Конгресот дека во предлог-законот за економска помош вклучиле елементи што не се поврзани со пандемијата.