Дваесет и една година по мистериозната несреќа во Баренцово Море

Адмиралот Вјачеслав Попов, поранешен командант на руската северна флота, тврди дека причината за потопот на руската нуклеарна подморница „Курск“ во 2000 година е резултат на судир со подморница на НАТО. Во интервју за агенцијата „РИА новости“, Попов вели дека може да го каже името на таа подморница на НАТО со веројатност од 90 отсто, но дека нема докази за тоа. Според него, подморницата на НАТО го следела „Курск“ во Баренцово Море, но премногу се доближила до него и во невнимание и тензична состојба дошло до подводен судир меѓу двете подморници. Рускиот командант Попов исто така тврди дека при судирот и подморницата на НАТО била оштетена и поради тоа имало експлозија на муниција на руската подморница „Курск“ и не можела да се врати назад во базата. Според тврдењата на руското воено лице, и руската авијација неколку месеци по несреќата пронашла делови од странска подморница кај брегот на Норвешка. Според пишувањата на некои медиуми, нуклеарните подморници на американската морнарица „Мемфис“ и „Толедо“, како и подморницата „Сплендид“ на британската морнарица биле во зоната во која тогаш се изведувала вежбата во моментот на несреќата.
„РИА новости“ наведува дека порталот „Њус 24“ објавил дека руското министерство за одбрана веднаш по несреќата побарало од Пентагон да ги прегледа подморниците „Мемфис“ и „Толедо“, но дека барањето било одбиено со одговор дека „сите подморници се во добра состојба“. Инаку, „Курск“ потона на 12 август 2000 година во Баренцово Море, на 175 километри од Северно Море, на длабочина од 108 метри. Според официјалната верзија, несреќата беше резултат на експлозија на торпедо на подморницата за време на вежбите на Северната флота. Сите 118 члена на екипажот на подморницата загинаа.