Траект, на кој се наоѓале најмалку 80 луѓе, потона синоќа во езерото Тоба, популарна туристичка дестинација во северниот дел на иноднезискиот остров Суматра.

Потврдено е дека едно лице загинало, а 18 се спасени, откако пловниот објект потонал поради лошите временски услови. Индонезиските власти денеска ја продолжија потрагата по преживеани патници и покрај поројните дождови.

Засега е непознато дали меѓу исчезнатите патници има странски државјани, а во потрагата учествуваат околу 100 припадници на индонезиската војска и полиција.

– Потрагата започна во седум часот по локално време. Условите се подобри отколку синоќа – изјави претставникот на индонезиското Министерство за сообраќај, Сри Хардианто.

Националната агенција за несреќи соопшти дека постојат непотврдени информации оти на траектот, кој бил зафатен од огромни бранови и силен ветер, се наоѓале повеќе од 130 луѓе.