Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални е префрлен во казнена колонија каде што треба да издржи казна затвор од две и пол години, изјави шефот на затворската служба Александар Калашников.

– Тој е префрлен на местото каде што треба да биде според одлуката на судот – рече Калашников, додавајќи дека нема закани по неговиот живот или здравјето.

Адвокатот на Навални вчера изјави дека рускиот опозиционер е пренесен во затвор надвор од Москва.

Руските медиуми претходно навестија дека Навални, кој беше во најстрого чуваниот затвор во Москва, ќе биде префрлен во објект во западна Русија.

Москва не ја послуша пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со кој им се нареди на руските власти да го ослободат Навални, наведувајќи ги како причина ризиците во затворот за неговиот живот.

Навални (44), најпознатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен на 17 јануари, веднаш по враќањето од Германија, каде што закрепнуваше пет месеци од труењето за кое го обвинува Кремљ.

Руските власти ги отфрлаат овие тврдења и го обвинуваат Навални за соработка со западните разузнавачки служби.

Во февруари, судот во Москва го осуди Навални на две и пол години затвор под обвинение дека ја прекршил условната казна додека бил во Германија каде што закрепнувал од труење.