Австриската народна партија (ОВП) на Себастијан Курц, е убедлив победник на предвремените парламентарни избори, на кои, како што покажуваат официјалните резултати, освоила 37,46 проценти од гласовите.

Гласовите доставени по пошта, кои веќе се пребројани, минимално го променија исходот од гласањето, објавен на денот на изборите.

Со ова ОВП го подобри резултатот од изборите во 2017 година за дури 5,99 проценти, при што исто така ја направи најголемата разлика во австриската историја меѓу прво и второпласираната партија.

По пребројувањето на гласовите добиени по пошта, Министерството за внатрешни работи го објави конечниот резултат на изборите, на кои излезноста е 75,6 проценти.

Покрај ОВП, победник на овие избори е партијата на Зелените, која не само што се врати во парламентот, туку го постигна и најдобриот резултат во партиската историја со 13,90 проценти од гласовите, што е за 10 проценти повеќе од 2017 година.

Во парламентот влезе и партијата Неос, која освои 8,10 проценти од гласовите, за 2,80 отсто повеќе од 2017 година.

Во однос на парламентарните места, ОВП освои 71 од 183, СПО 40, ФПО 31, Зелените 26 и Неос 15.