Со низата на победи остварени во Мичиген, Мисури, Мисисипи, како и веројатно во секоја друга американска сојузна држава чие име почнува на „м“, Џо Бајден е на пат да оствари еден од најголемите пресврти во претседателските кампањи што уште се во сеќавање, пишува „Њујорк тајмс“. Тој се наоѓа во доминантна положба по десет дена изминати од неговата прва победа во една сојузна држава, во трката за освојување на партиската номинација. Неговиот неверојатен пресврт го симна сенаторот Берни Сандерс од „седлото“.

Поранешниот американски потпретседател, кого Доналд Трамп своевремено го нарече „поспаниот Џо“, победи во големи и во мали сојузни држави. Тој славеше на места каде што до победа го водеше неговата популарност меѓу афроамериканците, но и на места каде што нема голем број на афроамериканци.

Затоа Бајден сега има цврст стисок врз партијата, со што за евентуален пад ќе биде потребен значителен пресврт, сличен на оној што му претходеше на неговиот подем. Со влезот во логистички неизвесната фаза, предизвикана од откажувањето на митинзите поради стравот од коронавирусот, како и од гласачите што претпочитаат цврсто водство, Бајден постојано му „бега“ на Сандерс кога станува збор за клучното прашање – на кого треба да му се верува во случај на криза, како што покажуваат анкетите.  

Следната недела во трката ќе гласаат сојузни држави каде што се очекува Бајден да оствари добар резултат, како на пример во Флорида, каде што тој е популарен меѓу повозрасните гласачи. 

Бајден нуди своевидно повторување на изборите од 2016 година, со желба да го тргне Трамп. Да докаже дека државата не ги застапува неговите вредности и да почне со работа на поправање на општата состојба, се заклучува во анализата на „Њујорк тајмс“.