Водечките научници за климатски промени предупредуваат дека не остануваат многу години за да се задржи глобалното затоплување на максимални 1,5 Целзиусов степен, границата по која дури и половина степен значително ќе го зголеми ризикот од суши, поплави, екстремни горештини и сиромаштија за стотици милиони луѓе

Водечките научници за климатски промени предупредуваат дека не остануваат многу години за да се задржи глобалното затоплување на максимални 1,5 Целзиусов степен, границата по која дури и половина степен значително ќе го зголеми ризикот од суши, поплави, екстремни горештини и сиромаштија за стотици милиони луѓе. Авторите на извештајот тврдат дека се потребни итни и нови промени за да се постигне целта, која, според нив, е остварлива, иако се наоѓа на најамбициозниот крај на ветувањето од Парискиот договор, за задржување на порастот на температурата помеѓу еден и два степена. Доколку не биде постигната целта, и глобалното затоплување е два или повеќе степени, тогаш на зголемувањето на морското ниво ќе бидат изложени 50 отсто повеќе луѓе. Исто така, недостигот од храна ќе биде проблем за нови стотици милиони жители, особено во посиромашните земји, кои се изложени на ризик од сиромаштија поврзана со климата, наведува „Гардијан“.

Порастот на морското ниво ќе влијае врз нови десетици милиони лица до 2100 година ако разликата од половина степен дополнително затоплување доведе до зголемен притисок врз крајбрежјата. Бројот на лица изложени ќе се зголеми значително во наредните векови, поради неизбежното топење на мразот. Според извештајот, подготвен од научниците за Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени (ИПЦЦ), потребни се итни промени за да се намали ризикот од екстремни горештини, суши, поплави и сиромаштија.

Научниците предупредуваат дека разликата од само половина степен би можела да го спречи целосното исчезнување на коралите и да го намали притисокот врз Арктикот.
Политичарите го одобрија извештајот на климатскиот самит во Париз во 2016 година, но оттогаш јазот помеѓу политиката и науката само се зголеми. Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека САД, најголемиот светски извор на емисии, ќе ги повлече од климатскиот договор. Покрај тоа, по првиот круг од претседателските избори, кандидатот Џаир Болсонаро има големи шанси за победа и да ја оствари својата закана за повлекување на Бразил од договорот и отворање на Амазонската Шума за големиот агрокултурен бизнис.

Светот, како што наведува „Гардијан“, во моментов е за еден степен потопол од прединдустриските нивоа. По катастрофалните торнада во САД, рекордната суша во Кејптаун и шумските пожари на Арктикот, ИПЦЦ јасно сигнализира дека климатските промени веќе се случуваат и го ажурира предупредувањето за ризиците, истакнувајќи дека секој мал дел од дополнителното затоплување може значително да ги влоши последиците. Па, така, ако затоплувањето достигне два степена, тогаш екстремно жешките денови, како што беа регистрирани ова лето во северната хемисфера, ќе станат посурови и почести, зголемувајќи го бројот на смртни случаи поврзани со горештина, како и бројот на шумски пожари. Најголеми последици ќе претрпи природата, а инсектите и растенијата ќе се соочат со двојно поголема опасност да го загубат своето живеалиште ако затоплувањето е два степена, а не 1,5 степен. Исто така, дури 99 отсто од коралите ќе бидат загубени. Океаните веќе страдаат од зголеменото ниво на киселост и пониските нивоа на кислород како резултат на климатските промени.

ИПЦЦ нуди четири патишта за постигнување на целта од 1,5 степен, и тоа со различни комбинации на користење на земјиштето и технолошки промени. За сите комбинации, од клучно значење е пошумувањето, како и промена кон електричните системи за транспорт и поголемо користење на технологијата за задржување на јаглеродот.
Измената на актуелните трендови е од огромно значење за да може да бидат постигнати тие 1,5 степен, без притоа да биде користена неиспробаната технологија на модификација на соларната радијација и други облици на геоинженеринг, кои, според ИПЦЦ, може и да не функционираат и да имаат негативни последици.
Извештајот ќе биде претставен пред владите на климатската конференција на ОН во Полска, кон крајот на годинава. Но аналитичарите предупредуваат дека има уште многу работа, па дури и со државите што го поддржуваат Парискиот договор, а сепак учествуваат во користењето фосилно гориво и покрај преземените обврски. Па, така, Британија не се откажува од експлоатацијата на гас, Норвешка со истражувањето за нафта на Арктикот, а германската влада сака да ја исече шумата Хамбах, за да ископува јаглен.

Според сегашното ниво на ангажираност, светот е на патот кон катастрофалното затоплување од три степени. Но авторите на извештајот одбиваат да прифатат пораз, верувајќи дека сѐ повидливите штети предизвикани од климатските промени ќе го сменат глобалното размислување.

– Без разлика на САД и Бразил, напредок може да биде постигнат ако Кина, Европа и големите градови продолжат со промените. Можеме да бидеме пример и да покажеме како треба да се стори тоа. Повеќе станува збор за технологија отколку за политика – оценува Џианг Кејун од кинескиот Институт за енергетски истражувања.