Истражителите ја бараат црната кутија која се очекува дека ќе даде одговори за несреќата

Пилотот на индонезискиот авион побарал дозвола за враќање на аеродромот во Џакарта, и се обидел да го сврти леталото во правец на главниот град, пред летот ЈТ610 да се урне во морето, пренесуваат американските медиуми. 

– Беше упатено и одобрено барањето за враќање, но се уште се обидуваме да ја дознаеме причината. Се надеваме дека црната кутија не е далеку од местото на уривање и оти ќе биде пронајдена – кажа Соерџанто Џахоно, шефот на индонезискиот комитет за безбедност на транспортот.

Податоците од радарот покажуваат оти првиот знак дека нешто не е во ред со летот бил забележан на околу две минути од полетувањето кога авионот достигнал висина од две илјади метри. Леталото се спуштило за 152 метри и скршнало налево, пред да се искачи на висина 1.524 метри. Но, пилотите не упатиле сигнал за тревога до авиоконтролата. Авионот забрзал, достигнувајќи брзина од 638 километри на час, пред врската да се загуби кога бил на висина од 1.113 метри. Леталото се урнало 13 минути по полетувањето.

Околу 150 спасувачи и 40 нуркачи, како и подводен дрон, учествуваат во акцијата за пребарување на остатоците од авионот. Акцијата е насочена кон подрачје со радиус од една наутичка милја. До утринава беа извлечени 24 тела од вкупно 189-те луѓе во авионот, меѓу кои нема преживеани според официјалните информации.