Тајландскиот премиер Прајут Чан-о-Ча беше водач на воениот удар во 2014 година

Изборите на Тајланд ќе бидат одржани викендов, пет години по воспоставувањето на власта на воената хунта

Тешко е да се поверува дека мирната, напредна држава која прима милиони туристи годишно, всушност преставува последна воена диктатура на светот. Но, Тајланд помина низ толку многу воени удари, така што ваквите состојби безмалку се сметаат за вообичаени во азиската држава, пишува американскиот магазин „Атлантик“. Реалноста на армиското владеење, во политичка смисла, всушност претставува спој на репресија и политичка контрола, со една клучна разлика – тоа се прави со благослов од моќен заштитник.

Кога тајландската војска ја презема власта на 22 мај 2014 година, не беше пролеана ниту капка крв. Тенковите излегоа на улиците, додека војската се појави на телевизиските канали за да го соопшти воениот удар. На тој начин, превратот во Тајланд беше завршен преку говор.

„Прирачникот за воен удар“ сега се заснова врз одржување избори во рок од една година од преземањето на власта, вообичаено по внимателното составување на нов устав. Воениот удар во Тајланд во 2006 година ја следеше оваа шема. Тајландските воени хунти ја консолидираа власта на повешти начини, особено преку уставот.

Сегашниот устав, составен под надзор на војската, стапи на сила во 2017 година. Според него, целиот политички систем на Тајланд е под контрола на војската, преку назначениот Сенат, но исто така и преку органи за надзор со доминантно армиско присуство. А изборните резултати се проследени со можност за повторен воен удар.

Воените удари се вметнати удобно во тајландската политика поради неколку причини. Постои извесна поврзаност, што може да се согледа од податокот оти воените удари, во просек, се случуваат на секои седум години во Тајланд, од 1932 година. А превратите не претставуваат ризик за тајландските генерали, бидејќи ниту еден водач на воениот удар не бил кривично гонет досега. Згора, воените удари се должат на протекционизмот на монархот на Тајланд. Вообичаената шема на изведувањето на превратите е поврзана со легализацијата на воениот удар од страна на кралот. Но, настрана од улогата на кралот, воената диктатура на Тајланд е како и секоја друга, со владеење преку цензурирање на медиумите, забрана за јавните собири, гонење на дисидентите и други слични практики.