Демонстрантите вчера го затворија главниот автопат што го поврзува Сан Хуан со остатокот од островот во веројатно најголемиот протест досега, барајќи повлекување на гувернерот на Порторико, Рикардо Росело. Тие протестираат против корупцијата во владата и разговорите кои протекоа во јавноста, во кои гувернерот и неговите советници ги исмеваа жртвите на ураганот „Марија“, пренесува Си-би-ес.

– Тоа е навистина неверојатно. Навистина е зачудувачки да се види целиот Порторико обединет како една целина – изјави 14-годишен демонстрант за Си-би-ес.

Граѓаните на Порторико се соочија со тешки проблеми по ураганот „Марија“ и кризата со долговите, а неодамна во јавноста се дозна дека ФБИ ги уапси поранешните раководители на одделенијата за образование и здравствено осигурување за наводно перење пари за нивните пријатели.

Според американските медиуми, последната капка која ја прели чашата се разговорите кои протекоа во јавноста помеѓу Росело и неговите советници. Во еден од разговорите, поранешниот главен финансиски директор на Росело вели дека жртвите од ураганот „Марија“, кои ги нарекува врани, треба да ги нахранат со мртвите трупови на загинатите.

Американскиот претседател Доналд Трамп за Росело се изјасни дека е ужасен гувернер и додаде дека ја нема неговата поддршка.

– Конгресот на САД им додели 92 милијарди долари и сега 92 милијарди долари се во рацете на неспособни и многу корумпирани луѓе – изјави Трамп вчера. Сепак, медиумите го критукуваа претседателот поради оваа изјава, бидејќи Порторико доби 14 милијарди долари по ураганот „Марија“.

Токму поради тоа, Порториканците се загрижени за тоа како федералната помош беше распределена и потрошена. Тоа придонесе тие да ја загубат довербата во нивната влада.

Доцна синоќа полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите кои останаа на улиците на Сан Хуан. На некои места протестите ескалираа со насилни инциденти.