Три големи американски медиумски куќи во изминативе три денови поради лошите финансиски резултати од работа отпуштија околу 1.000 новинари, уредници и други вработени, а отпуштањата можат да продолжат и следната недела, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Како главна причина за лошите финансиски резултати на медиумите во САД се наведува заканата од подемот на новите онлајн-портали, кои објавуваат бесплатни вести, како и променетите алгоритми на социјалните мрежи, како Фејсбук и Твитер, кои ги пренасочуваат вестите на големите издавачки куќи кон новости создадени од корисниците.

Лошата вест за илјадници новинари во САД дојде при крајот на неделата со известувањето на „Верајзон“, компанија за мобилни комуникации што ги поседува „Хафингтон Пост“, „Јаху Њуз“ и „АОЛ“, дека ќе отпушти седум проценти од своите вработени во медимската сфера.

„Волстрит џурнал“ претходно објави дека „Базфид“ планира да отпушти 15 отсто од своите вработени, но и медиумскиот гигант „Ганет“, кој поседува околу 1.000 дневни и неделни изданија во САД, многу од нив локални весници, веќе соошти дека отпушта 400 новинари.

Ситуацијата во „Хафингтон Пост“ е толку лоша што редакцијата требаше да се прости од Џејсон Черкис, кој е добитник на Пулицеровата награда, најважното новинарско признание во САД. Редакцијата веќе отпуштила 54 новинари, а околу 150 други следната недела ќе бидат информирани дали остануваат на работа.

Многумина медиумски експерти и новинари вината за ова ја гледаат во Фејсбук и Гугл, кои го монополизираа објавувањато вести, во рекламните профити, но и во лошите менаџерски одлуки на медиумите.

Американскиот претседател Доналд Трамп имаше свое објаснување за тешката состајба во некои американски медиуми.

– Лажните вести и лошото новинарство предизвикаа пад. Жално, но следуваат и други. Народот ја бара вистината – напиша Трамп денеска на Твитер.

Главните уредници на „Хафингтон Пост“ и „Базфид“ ги отфрлија наводите на Трамп како „сурови и одвратни“.