Украинскиот претседател Петро Порошенко изјави дека со шефот на руската држава Владимир Путин може да се разговара само од позиција на сила.

– Мислам дека човек може да разговара со Путин само од позиција на сили, изјави Порошенко во интервју за американската телевизија Фокс Њуз.

Според украинскиот претседател, дијалогот со Путин би можел да даде резултати единствено ако „меѓународната коалиција биде доволно силна“ и ако санкциите кон Моксва бидат „исклучително ефикасни“.

Порошенко оцени дека американската Администрација „врши одлична работа“, на само од аспект на санкциите кон Москва, туку и поради доставувањето на Украина на противтенковските ракетни системи „Џевелин“.

– Потребно е зголемување на присуството на НАТО во Црното Море, поради незаконската (руска) анексија на Крим, изјави Порошенко, додавајќи дека присуството на бродови на Алијансата во Црното Море ќе претставува „фактор на стабилност“ во регионот.

Порошенко последниве недели ја заостри реториката кон Москва, потег што некои аналитичари го оценуваат како дел од неговата предизборна кампања во пресрет на претседателските избори во Украина.

Последните анкети на јавното мислење покажуваат дека Порошенко заостанува во популарноста зад неговите двајца главни противкандидати за претседателската функција, Володомир Зелински од популистчката партија Слуга на народот (СН) и поранешната премиерка Јулија Тимошенко од конзервативниот Сеукраински сојуз „Татковина“ (Баткивштина).