Украинскиот претседател Петро Порошенко на министерот за правда Павел Петренко му наредил да подготви тужба против Русија поради инцидентот во Керченскиот Теснец, се наведува во соопштение од Кабинетот на шефот на државата.

– На министерот за правда денеска му е дадена наредба да ги заврши подготовките за тужба против Русија поради актот на агресија, со цел тие што издале наредба да бидат казнети, изјави Порошенко на средбата со семејствата на заробените украински морнари.

Тој воедно изрази убеденост дека партнерите на Киев, исто така, ќе преземат мерки против оние кои ги задржале морнарите.

– Тужбата се однесува на оние кои ги нападнале (морнарите) и оние кои ги извеле пред, божемниот суд. Цел свет треба да одговори на овој инцидент. Нема да дозволиме кој и да е да мине неказнето, изјави Порошенко, појаснувајќи дека на случајот работи тим, вклучувајќи и странски адвокати.

Руската крајбрежна стража на 25 ноември отвори оган и заплени три украински брода во Керченскиот Теснец, а екипажот го уапси под обвинение дека нелегално ја минале руската граница.