Вкупно единаесет воени службеници во Колумбија се отпуштени, а еден генерал поднел оставка во врска со истрагата против војската што шпионирала новинари, политичари, судии и други припадници на војската, соопшти Министерството за одбрана, а пренесе Ројтерс. Како што наведува Ројтерс, министерот за одбрана Карлос Холмс Трухило објаснил дека решението за разрешување следува по истрагата и најави нејзино продолжување.

– Денеска 11 службеници ќе бидат разрешени и ќе се пензионираат од активната должност. Исто така, бригадниот генерал побара тој да биде сменет од активната должност – изјави Трухило пред новинарите.

Инаку, колумбиската војска последниве години ја следат скандали, вклучувајќи и наводи за шпионажа за време на преговорите со претставниците на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРЦ), што на крајот доведе до мировниот договор во 2016 година. Весникот „Семана“ објави дека војската шпионирала повеќе од 130 луѓе, вклучувајќи локални и странски новинари. Војската ги хакирала нивните електронски пошти и собирала информации за нивните контакти, семејства и слично.