Продолжуваат тензиите на полско-белоруската граница

Поради ескалацијата на мигрантската криза на источните граници на Европската Унија, во балтичките републики и Полска, Владата во Варшава ја разгледува можноста за целосно затворање на границата со Белорусија, преку која поголеми групи мигранти насилно и вчера се обидуваа да преминат во Полска. Во меѓувреме, полската опозиција бара да се започнат политички консултации со сојузниците во НАТО, за да се издигне ескалацијата на кризата на меѓународно ниво.
– Размислуваме и за такво сценарио. Испраќаме информации до властите на Белорусија дека се заканува безбедносна опасност и доколку не престанат со своите активности, ќе бидеме принудени да побараме меѓународна помош – изјави владиниот портпарол Пјотр Милер за порталот „Виртуелна Полска“.
Полските власти проценуваат дека по должината на границата од белоруска страна има меѓу 12.000 и 15.000 мигранти. Според разузнавачки информации пласирани во медиумите, тие се сместени во хотели, а потоа белоруските служби ги превезуваат и ги следат до границата, каде што досега во мали групи се обидувале да ја совладаат импровизираната ограда од жица и да преминат во Полска, а потоа да продолжат кон Германија. Овие информации експресно ги отфрли Владата во Минск, додека ЕУ се закани со нови санкции кон Белорусија.
Во меѓувреме, во текот на изминатиот ден, официјална Украина информира дека и таа ќе го зајакне военото присуство на границите со Белорусија, каде што ќе испрати свои трупи и хеликоптери за чување на државната граница.