Неуспехот на Велика Британија да ја напушти Европската Унија создаде сериозни главоболки за Брисел. Три години од референдумот, изгласувањето за брегзит не донесе ништо корисно. Пропуштајќи ги двата рока за напуштање на Унијата, Британците сега мораат да учествуваат на Европските избори на 23 мај, два месеци откако требаа целосно да ја напуштат ЕУ еднаш засекогаш, пишува Си-ен-ен.

За две недели, гласачите ширум Унијата ќе изберат 751 пратеник за Европскиот Парламент. Историски, излезеноста на овие избори е многу ниска, а малкумината кои гласаат, го прават тоа чисто во знак на протест.

Така, непренесената лутина за брегзит директно оди во полза на евроскептиците. Брегзит беше закажан за 29 март и Британија не требаше да има ништо со овие избори.

Во 2014 година, анти-европската партија на Најџел Фараж победи на Европските избори. Со ова, се создаде притисок врз тогашниот премиер Дејвид Камерон, кој на крајот резултираше со распишување на референдумот за брегизт.

Во 2019 година, новата партија на Фараж наречена Брегзит има уште полесна работа. Неуспехот да се спроведе волјата на мнозинството е силна порака, во новата трка за која се очекува Фараж повторно прв да ја мине целта.

На европско ниво, еврокептичните партии имаат добра поддршка и надвор од Британија. Најновите резултати од анкетите на „Јуроп електс“ предвидуваат дека ваквите партии можат да освојат до 35 отсто од вкупната бројка на пратенички места во Европскиот Парламент. Претходно, евроскептиците не успеваа да се координираат на европско ниво, што значеше дека нивното ниво на влијание во рамки на ЕУ секогаш беше ограничено.

Но, ова може да се смени. Матео Салвини, заменик-премиерот на Италија и лидер на десничарската Северна лига, која ја предводи коалицијата на популистичкото движење во земјата, веќе неколку месеци се обидува да ги обедини евроскептиците. Доколку успеат, ќе го креираат најголемиот пратенички блок во Европскиот парламент. Во минатото, евроскептиците имале многу малку заеднички ставови, затоа сè уште е нејасно дали Салвини ќе успее да ја спроведе неговата идеја.

Резултатите од Европските избори можат да креираат директни проблеми за Брисел, кои потоа би се прошириле и на повеќе делови од Европа. Според Си-ен-ен, постои веќе воспоставен модел на меѓусебно позајмување на популистички идеји на централно-десничарските партии во Европа за да ги придобијат гласачите, а главен пример е референдумот за брегзит на веќе расформираната партија на Фараж.

Важно е да се напомене дека моментално во Европа, популистичките партии владеат во Италија, Австрија, Естонија, Унгарија, Полска, во неколку сојузни држави во Германија, па дури и во САД.

По парламентарните избори, ЕУ ќе избере и нов претседател на Европскиот Парламент, Европската Комисија и Европскиот Совет. Додека нивните претходници ќе бидат запомнети по обидите да ја обединат Унијата во однос на брегзит, со најголемата закана за ЕУ во нејзината историја, новите лидери може да се најдат во ситуација во која ќе мора да се борат со различни политичари кои се поубедени во своите верувања дури и од оние британските кои го поддржуваат излезот од ЕУ. Но, за разлика од Британците, ЕУ долго време ќе мора да се справува со новоизбраните популистички лидери.