Продолжуваат напорите за пронаоѓање на жртвите и расчистување на хаосот што го оставија катастрофалните поплави што ги погодија западна Германија, источна Белгија, Холандија и други европски земји

Напорите за да се најдат телата на жртвите и да се расчисти хаосот што го оставија зад себе поплавите во големи делови од западна Германија, источна Белгија и Холандија продолжуваат и оваа недела, додека трае повлекувањето на водата. Досега се потврдени најмалку 117 загинати во Рајнската Област-Пфалц, која најтешко беше погодена во Германија, додека во соседна Северна Рајна-Вестфалија загинаа најмалку 46 лица, а најмалку едно во Баварија, каде што некои делови беа погодени од обилни дождови и поплави во текот на минатиот викенд. Најмалку 31 лице загинаа во поплавите во Белгија.
Овие поплави можеби се едни од најскапите природни катастрофи со кои Германија се соочила во последните 20 години. Германската осигурителна асоцијација ГДВ планира идната недела да излезе со првите официјални процени на штетите, пренесува „Ројтерс“.