Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска за време на посетата на Египет, порача дека САД остануваат посветени на Блискиот Исток и покрај плановите на претседателот Доналд Трамп за повлекување на војската од Сирија.

Помпео пристигна во Египет, по посетата на Јордан и Ирак, каде што се обиде да ги увери лидерите на тие земји дека повлекувањето на американските сили од Сирија не значи дека САД се откажуваат од борбата против радикалната група Исламска држава, ниту дека се намалува притисокот врз Иран.

Помпео, по разговорите со египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри, ги поздрави „енергичните напори на претседателот на Египет, Абдел Фатах ал-Сиси во борбата против актуелната закана од тероризмот и радикалниот исламизам“.

– САД и претседателот Трамп ќе останат постојан партнер на Египет и другите земји во регионот. Ги повикуваме сите земји да преземат значајна акција против тероризмот и да ги осудат неговите идеолошки корени, рече Помпео на заедничката прес-конференција со Шукри во Каиро.

Во египетскиот главен град Помпео треба да одржи говор во кој ќе ја изнесе стратегијата на Вашингтон за Блискиот Исток.

Помпео од Египет ќе отпатува во арапските земји од Персискиот Залив за да им даде слични гаранции.