Повлекувањето на американската армија од Сирија не е крај на американската борба, изјави синоќа државниот секретар на САД, Мајк Помпео и ги повика сојузниците повторно да се посветат на траен пораз на терористичката група Исламска држава во Сирија и во Ирак.

– Повлекувањето на војската на САД не е и крај на американската битка. Борбата ќе продолжиме да ја водиме со вас. Намалувањето на бројот на војниците во суштина е тактичка промена, а не промена на мисијата, истакна Помпео пред претставниците од Коалицијата во борба против ИД, во која учествуваат 79 држави, во Стејт департментот.

Тој додаде дека „мисијата не е доведена во прашање“, како и дека е неопходна поддршка од американските сојузници.

Додека американскиот претседател Доналд Трамп на состанокот посочи дека следната недела очекува формална објава дека Коалицијата што се бори против ИД ја контролира цела територија што претходно беше заземена од екстремистичката група.

– Војската на САД, нашите коалициски партнери и Сириските демократски сили буквално ја ослободија цела територија, што претходно беше заземена од ИД во Сирија и во Ирак, истакна.

Тој додаде дека таквата информација најверојатно ќе биде соопштена следната недела.

– Ние ќе имаме 100 отсто од калифатот и јас сакам да го почекам официјалното соопштение, наведе Трамп.