Американскиот државен секретар Мајк Помпео е во куса посета на Пакистан, во време кога односите меѓу двете земји се затегнати поради состојбата во соседен Авганистан.

САД неодамна запреа помош за Пакистан вредна 300 милиони долари, а новата пакистанската Влада на Имран Кан привремено ги затвори главните американски логистички линии за војниците во Авганистан.

Пакистанците се гневни поради честите американски воздушни напади врз исламистички бази во северен Пакистан, од каде се вршат напади во Авганистан.

Властите во Исламабад исто така ја осудија одлуката на Помпео да го именува американскиот дипломат Залмај Кализад за висок претставник за Авганистан. Кализад е чест критичар на Пакистан и ги обвинува пакистанските безбедносни служби дека ги помагаат и организираат исламистите во Авганистан.

Помпео претходно изјави дека оди во Пакистан со цел да ги обнови односите меѓу двете земји.

Пакистанците забрзано градат трговско и стратегиско партнерство со Кина, која во Пакистан гледа клучна точка во својата стратегија „Еден појас еден пат“.