Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави дека која било цел на американската војска кон Иран, во случај Иран да и се одмазди на Америка за убиството на својот најмоќен генерал Касим Сулејмани, ќе биде легална, според законите за вооружен конфликт.

Тој беше запрашан за коментар на оваа тема, откако претходно американскиот претседател, Доналд Трамп, на неговиот профил на „Твитер“, се закани дека САД имаат на нишан 52 ирански цели (што претставуваат 52 заложници задржани од страна на Иран пред многу години), од кои некои се на многу високо ниво и важни за Иран и иранската култура.

– Секоја цел што ќе ја погодиме ќе биде легитимна цел, цел со единствена мисија – одбрана и заштита на Америка – рече Помпео.

Законите за вооружени судири забрануваат намерно напаѓање на културните локалитети во повеќето случаи, пренесе „АП“.